Хаџи Махмуд Бег џамија - Битола

Џамијата Хаџи Махмуд Бег е изградена во 1521/22 година од страна на Хаџи Бег, управител на Битола.

Џамијата е централен објект во денес единствениот делумно сочуван џамиски комплекс во старата битолска чаршија, во чиј состав постоел мектеб*, медреса** активна сѐ до 1921 година и библиотека.

Џамијата е уникатна по две работи: според конструкцијата на куполата и според декоративниот начин на ѕидање. Покрај тоа, очигледно е дека со многуте сиболични релјефни елементи на фасадата кои содржат многу верски знаци, оваа џамија, за разлика од Јени џамија и Исак џамија, била џамија на одбрани и посветени, на свештени лица кои аскетски ѝ се посветувале на верата пронаоѓајќи ги тајните значења на Куранот и на суфистичката филозофија воопшто.

Сместена во срцето на битолската чаршија, оваа џамија не случајно, токму овде, каде што се одвивал севкупниот живот и неговата динамика, имала исклучително важно значење.

Таа била и просветителски, образовен дом и своевидна институција.Таа била место каде што се решавале филозофските, правните и поучните клучни теми за животот и постоењето слична на атинската агора во античка Грција.Таа била одреден поттикнувач на хуманизмот и толеранцијата помеѓу многубројното и национално разновидно население на Битола.
Оваа џамија била и место каде што започнувале да се образуваат најзначајните свештени лица и поети кои често потоа заминувале во Истанбул и станувале истакнати личности во престолнината и Отоманската Империја воопшто. Местото на оваа џамија било главното собиралиште на турското, еврејското и македонското население без оглед на многубројните синагоги и цркви.

Всушност, во овој дел на градот, благодарение и на овој објект, започнал да се развива битолскиот космополитизам, нешто што денес е со исклучително значење во Европа и во светот.

* Мектеб – назив за училиште чијашто основна цел е да се учат децата на основите на исламската вера, начин на живот и однесување во опшеството, основи на арапското писмо и правилно читање на Куранот.

** Медреса (арапски:مدرسة мадраса , „место каде што се учи“) е исламско училиште во коешто се подготвуваат идните муслимански свештеници.

  • Како до локацијата

    Објектот е сместен во Старата битолска чаршија и моментално е во фаза на реновирање

  • Паркинг

    Околу објектот има неколку паркинг-зони на кои можат да се паркираат лесни возила.

  • Пристапност

    Не е пристапно