Виртуелна реконструкција на зградата на Стариот театар во Битола

Еден од ретките високи османлиски службеници кои биле на служба во Битола, а зад себе оставиле траен белег врз градот бил и Абдул Керим-паша. За валија бил назначен во 1895 година и веднаш се зафатил со реформи кои на Битола ѝ дале поинаков „модерен“ изглед. Биле подигнати повеќе значајни јавни објекти, меѓу кои и тој зад хотелот Шарк (Ориент), кој требало да служи како стопански објект за обработка на тутун и царинарница за вино. Со приходите требало да се покриваат трошоците за градската болница која исто така била подигната во тој период.

Но на тоа место веќе се наоѓале муслимански гробишта, што креирало отпор кај муслиманското население. За работната акција која се случила на непознат датум во 1897 година биле ангажирани затвореници кои добиле наредба длабоко во ноќта да го направат местото рамно „како тепсија“. Следниот ден биле поставени темелите, со воена музика која го украсувала чинот. Валијата не дочекал да го види објектот завршен бидејќи, под изговор дека има нарушено здравје, се повлекол од служба во 1901 г. Не се знае до кога и дали воопшто се користел за својата првична намена, но набрзо по изградбата објектот почнал да се користи за културна дејност. Сместен зад хотелот Шарк, тука почнале да се одржуваат различни културни настани, филмски проекции, естрадни, циркуски и театарски претстави. Според хроничарот на Битола и последниот директор на Кадетското училиште, Мехмед тефик, во Битола во 1911 имало три театри.

Објектот бил тешко оштетен во периодот 1911-1915, кога театарските и другите настани биле префрлени во Општинската сала во училиштето „Св. Сава“ (денес Гоце Делчев).

По завршувањето на Првата светска војна, животот во градот полека почнувал да се стабилизира. Потребата од културни настани ја наметнала идејата на местото на опожарениот објект, да се подигне нов посовремен културен центар. Задачата за обнова му била доверена на младиот архитект Вангел Самарџиќ.

На 23 април 1926 година, свечено со изведба на премиерата на драмата „Смртта на Урош V" од Стефан Стефановиќ била отворена обновената зграда на битолскиот театар. Како подарок од кралскиот пар, театарот добил завеса од азбест на која била насликана отворена сцена со „лица во живописна народна носија и со декоративни орнаменти".

Во театарската зграда одржувале претстави од разни театарски групи, а внатре било сместено и киното „Балкан“ до 1945 година кога било решено во салата да се одржуваат единствено театарски претстави. Во меѓувреме во 1939 година, хотелот Босна изгорел до темел, па театарската зграда добила директен излез на главната улица Широк Сокак.

На 14 ноември 1944 по ослободувањето на Битола, тука е прикажана е првата театарска претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓорѓи Магаревски" од Владо Малески.

Театарската зграда била реновирана и проширена во 1946 година, по што следел период во кој се формира респектибилна културна институција. Народниот театар Битола, на 28 февруари 1953 ја прославува својата илјадита претстава „Без третиот“ од Молан Беговиќ, во режија на Димитрие Османли.

Шеесетите години на минатиот век е исто така период кога голем број на артисти од разни причини го напушаат театарот. Проблем била самата и зграда, која не ги исполнувала условите за еден модерен театар и било неопходно изнаоѓање на соодветно решение.

На почетокот на 1960 година до Општина Битола е поднесен проект за реконструкција, каде било предвидено во две фази да се добие нова и проширена театарска зграда. Сепак се одлучило да се оди со помал зафат и привремено да се ублажи потребата со изградба на репетициона сала, проширување на сцената и доградување на 2 помошни простории.

На 2 август 1969 на републичко ниво е донесена одлука за изградба на спомен-домови на културата во 25 градови во Социјалистичка Република Македонија, како траен спомен на Првото заседание на АСНОМ. За спомен домот во Битола дел од средствата биле обезбедени преку самопридонесите на граѓаните, кои во два наврати 1975-1978 и 1978–1982 одвојувале 1% и 2 % од личните доходи за изградба на објекти од јавен интерес. Домот на културата во Битола, бил нов „колосален“ проект кој би ги решил просторните услови за институциите на културата во Битола и започнал да се гради позади постоечката театарска зграда.

Со привршувањето на изградбата, во јавноста проструила идејата за рушење на старата театарска зграда. Според некои, ова бил познат факт уште при изборот на локацијата за градба, согласно планот кој предвидувал комплетно просторно решение за плоштадот Гоце Делчев.

Конечната одлука била донесена на 03 октомври 1979 год. по што требало да се преземат итни мерки за формирање на техничка документација за постојната зграда на Театарот како би можело на 15.10.1979 год. да се пристапи кон нејзино уривање.

Дел од граѓаните и интелектуалната јавност се спротивставиле на оваа одлука. Веќе на 8 октомври од страна на НУ Завод и музеј – Битола е донесено Решение за утврдување на својство на споменик на културата на зградата на Народниот театар Битола, со посебен режим на заштита на ентериерот на објектот. Со ова привремено се стопирала постапката за рушење, но започнала друга правна битка, која резултирала со пресуда на Врховниот Суд (У. бр 135/80 од 03.07.1980 год.) со која повторно се овозможило рушење на објектот.

Една од опциите која била разгледувана била и комплетна дислокација на ентериерот од стариот во новиот објект, но и таа идеја не била прифатена.
Набрзо по пресудата кон крајот на месецот, повторно во ноќните часови се пристапило кон брзо рушење на театарската зграда. Институцијата Народен театар Битола веќе била дислоцирана во новиот објект, кој свечено бил предаден во употреба на 11 октомври 1980 год.

Фото галерија

Екстериер

Ентериер

Актери и претстави

3D реконструкција на зградата на Стариот театар

Битолчани како и никогаш да не ја прежалија старата театарска зграда. Како дел од животот на многу генерации, постојано со носталгија се спомнува за истата, што на некој начин беше и поттик за проект, преку кој би се обновил и популаризирал објектот, но сега преку употреба на модерните технологии.

 

Реализацијата се овозможи преку проектот Интерактивна и виртуелна презентација на културното наследството и кинематографијата - КИНОКУЛТУРА, финансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА програмата за преку гранична соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2020”.
Виртуелната презентација на стариот театар е изработена од ГАУС Институтот од Битола, чиј што тим од експерти со одушевување и чувство за голема одговорност ја прифати задачата.
Преку консултација и интервјуа со експерти и граѓани на Битола, обработка на стручна и техничка документација, се обезбедија сите неопходни предуслови за повторно „оживување“ и афирмација на овој никогаш не заборавен објект.
Добиеното и тука презентирано техничко решение, во прв план обезбедува квалитетна техничка документација и траен белег за објектот, а можностите кои се отвораат за понатамошна експлоатација, се практично неограничени. Изработениот 3Д модел во целост ги исполнува барањата за квалитет кои ја отвораат можноста за негово користење во насока на туристичка промоција, видео игри и филмска индустрија. А зошто да не и за физичка реконструкција на стариот театар во нов современ облик.