Времеплов

Времеплов на настани поврзани со театарската и филмската уметност. Списокот на настани е ограничен и сконцентриран кон оние поврзани со зградата на Стариот театар и Кино Манаки во Битола

18 Декември 1895 Почеток на нова уметничка форма – филмот
Прва јавна филмска проекција во Париз

Браќата Огист и Луј Лумиер на 28 декември 1895 година во Париз го претставуваат нивниот изум - кинематографот, тоа означува почеток на нова уметничка форма – филмот.

1897 Театарот на Абдул Керим паша
Поставување на темелите на Стариот театар во Битола
Театарот на Абдул Керим паша

Еден од ретките високи османски службеници кои службувале во Битола, а зад себе оставиле траен белег врз градот бил и Абдул Керим паша. За валија бил назначен на 20-ти април 1895 година и веднаш се зафатил со реформи кои му дале поинаков „модерен“ изглед на Битола. Во негово време бил уреден голем дел од коритото на реката Драгор, започнал потфати за градска канализација, била поставена калдрма на неколку улици, било исушено блатото пред касарните и започнало обикувањето на идниот Градски парк. Биле подигнати повеќе значајни јавни објекти, како: библиотека, болница за сиромашни, лудница, рибниот пазар, многу дуќани покрај реката драгор итн.
Во негово време е подигнат комплексот објекти во централното градско јадро во кои спаѓале хотелот „Шарк“ (подоцна Босна) и зградата на Театарот која се наоѓала зад хотелот Шарк. Но иако се работело за центар на градот, на тоа место веќе се наоѓале муслимански гробишта, што креирало отпор против овој зафат кај муслиманското население. За работната акција која се случила на непознат датум во 1897 година биле ангажирани затвореници кои добиле наредба длабоко во ноќта да го направат местото рамно „како тепсија“. Следниот ден биле поставени темелите со воена музика која го украсувала чинот, а муслиманското население во градот го бојкотирало овој настан.
Валијата не дочекал да го види театарот завршен, бидејќи под оправдување на нарушено здравје се повлекол од служба во 1901 г и заминал за престолнината.

Александар Стерјовски „Каријатиди на театарот“, Издавач НУ Народен театар - Битола, 2004 г, ISBN 9989-2324-0-7

1897 Во Битола
Прво прикажување на краткометражни филмови
1897 - Почеток на киноприкажувачката дејност во Македонија

Неидентификувана брачна двојка од Италија прикажувала краткометражни филмови од француско производство во некој од битолските хотели. Тоа биле патувачки киноприкажувачи и нивниот престој во Битола бил привремен.
Борис Ноневски „Филмското столетие во Македонија“, Кинопис 13 (7) с.3-32, 1995

23 март 1898 Во Јанина
Јанаки Манаки го отвара своето фотографско ателје
Јанаки Манаки

По завршувањето на средно училиште во Битола, Јанаки Манаки отвора фотографско ателје во Јанина. Подоцна во работата се приклучува и неговиот помлад брат Милтон.

1903 Massacres de Macédoine
„Колежите во Македонија“
„Браќа Пате“ (Pathé Frères)

„Колежите во Македонија“ (Massacres de Macédoine),  е филм снимен во продукција на компанијата „Браќа Пате“ (Pathé Frères) од Франција. Филмот е инспириран од Илинденското востание и претставува еден вид реконструкција на репресалиите врз цивилното население од страна на отоманската војска и полиција. Режисер на филмот е Лисиен Нонгие (Lucien Nonguet). Снимањето се одвивало во студијата на компанијата „Браќа Пате“ во Венсан, близу Париз.
КИНОПИС - 
Број 45/46(25), 2014 / ISSN 0353-510 Х, Издавач Кинотека на Македонија „Никола Русински” 1

1904 Во Битола
Браќа Манаки отвараат фотографско ателје во Битола
Браќа Манаки

Пролетта во 1904 година Јанаки и Милтон Манаки ја посетуваат Битола и купуваат дуќан на Широк Сокак, кој го адаптирале во фотографско ателје.

1906 Првите кадри на Балканот
Јанаки Манаки ја купува камерата BIOSKOPE 300
Баба Деспа

Јанаки Манаки во Лондон ја купува камерата BIOSKOPE 300, а потоа во месец јуни се враќа назад во Битола. Првите кадри се снимени во Авдела и Бер   

// Павле Константинов „Браќа Манаки“ прилог кон нивниот живот и дело, Млад Борец Скопје, 1982 год

22 јули 1908 Младотурска револуција
Младотурците влегуваат во Битола
Младотурската револуција

Младотурската револуција е голем општествен пресврт во Отоманското Царство во 1908 г. против апсолутизмот на султанот Абдул Хамид II. На 22 јули 1908 г. Младотурците влегуваат во Битола, при што се ослободуваат сите политички затвореници и се организираат големи манифестации во градот.

28 септември 1909 Театарски претстави
Војдан Чернодрински во Битола

На 28 септември 1909 г Војдан Чернодрински со својот театар, во салонот на Конституциониот клуб во Битола ги прикажува претставите „Фамилијата на престапникот“ и „Македонска крвава свадба“.

  • Ристо Стефановски: „Од Хераклеа до народен театар во Битола“ Народен театар Битола 1994 г
1909 Филмски проекции во Битола
Браќата Ташко и Костантин Чому ја закупуваат салата на Битолскиот театар
Широк Сокак во 1908/09 г

Браќата Ташко и Костантин Чому ја закупуваат салата на Битолскиот театар и започнуваат да одржуваат филмски проекции сè до почетокот на воените дејствија од Првата светска војна во 1915 година.
КИНОПИС - Број 45/46(25), 2014

1911 Посета на султанот Мехмед V Решад на Битола
Браќа Манаки во 1911 година ја снимаат посетата на султанот Мехмед V Решад на Битола
1911 – Браќа Манаки ја снимаат посетата на султанот Мехмед V Решад на Битола

Оваа година е најзначајна за филмскиот опус на браќата Манаки и претставува врв на нивната снимателска дејност. Биле документурани посетата на султанот Мехмед V Решад, посетата на романска делегација на Битола, Гопеш и Ресен, како и погребот на гревенскиот митрополит Емилијанос.

КИНОПИС - Број 45/46(25), 2014

1912 Балкански војни
Изгоре зградата на театарот
Битола за време на Балканските војни 1912-1913

Во 1912 година за време на Балканските војни изгоре зградата на театарот, од која останаа само ѕидовите.

  • Димитар Христов – „Развиток на театарскиот живот во Битола од 1897-1964“ (20 години Народен театар Битола )
1914-1918 Прва светска војна
Битола, град маченик
Битола за време на Првата светска војна

Првата светска војна траела од 28 јули 1914 до 11 ноември 1918 година и повеќе од девет милиони војници и седум милиони цивили загинале како резултат на воените дејствија. На 18 ноември 1916 г. војските на Антатата влегуваат во Битола, а војските на Централните сили се повлекуваат во околните планини. Во период од две години Битола се наоѓа на фронтовата линија и е секојдневно бомбардирана со најразлични видови на гранати. До крајот на војната околу 70-80% од градот е разрушен со огромен број на цивилни и воени жртви.

1 септември 1916 година Прва светска војна
Јанаки Манаки е интерниран во Бугарија
Јанаки Манаки

На 3 февруари 1916 година, Јанаки Манаки е затворен од бугарските власти под обвинение за шпионажа и недозволено држење на оружје. Подоцна, во месец август е ослободен од обвинувањата, а потоа е интерниран во Бугарија.

  • Павле Константинов „Браќа Манаки“ прилог кон нивниот живот и дело, Млад Борец Скопје, 1982 г
1916-1918 Прва светска војна
Воена фото и видео документација
Прва светска војна во Битола

Француските, британските и српските филмски сниматели и фотографи ги снимат локациите и воените операции околу Битола. На спротивната страна на фронтот, делуваат сниматели на „Местер филм“ од Берлин, германски, бугарски и австриски воени сниматели.

1918 Нови кина во Битола
Нови кина во Битола на Темелко Трајков и браќата Коста и Димитар Чому
Панорама Битола

Повратникот од Америка, Темелко Трајков од с. Цапари отворил постојано кино во својот хотел „Гранд Америка“, а Коста и Димитар Чому го отвориле киното „Велика Србија“ во хотелот „Солун“ кое работело до 1921 година.

1920 Нови кина во Битола
Нови кина во Битола на Лазар Сaрчев и Атанас Пема
Улица Крал Петар - Битола после Првата светска војна

Лазар Сaрчев отвора кино во својата кафеана што се наоѓала во центарот на градот, а на 20 април проработило и постојаното кино „Белград“ на Атанас Пема кое било сместено во зградата на старата српска гимназија.

26 август 1921 Нови кина во Битола
Прикажана е првата претстава во новооснованото летно кино на Браќа Манаки
Браќа Манаки

Јанаки и Милтон Манаки на 26 август ја одржуваат првата филмска проекција во летната бавча на кино „Манаки“, сместена во дворното место на разрушениот хотел „Ројал“. Две години подоцна киното го преместуваат во зграда специјално изградена за таа намена.

18 април 1922 Битола во пламен
Голема експлозија во Битола

Утрото во 10 часот на 18 април 1922 година на третиот ден Велигден, силна експлозија ги стресе битолчани и она што следуваше претставуваше директна закана за самиот град. Огромна количина на муниција остаток од Првата светска војна била складирана на отворен простор во близина на Железничката станица, пред Црвената и Белата касарна (денес Градски парк). Експлозиите кои следувале, биле уште пострашни и го натерале населението во бегство кон селата северно од градот. Во текот на денот почнал да дува и ветер кој помагал во ширењето на пожарот кој траел скоро една седмица, а вистинска опасност претставувале гранатите од голем калибар и оние со задушливи гасови, кои за среќа првично не биле зафатени од експлозијата. Покасно благодарение на пожртвовноста и досетливоста на поединци, пожарот бил изгаснат, а градот и жителите кои останале, биле спасени. (www.bitola.info)

декември 1923 Кино Манаки
Свечено е отворено Кино Манаки во новоизградената зграда
Браќа Манаки

Во месец декември 1923 г започнало да работи киното на браќата Манаки „Манаки“ во специјално изградена зграда за таа намена.

24 декември 1924 Првата термоелектроцентрала во Битола
За прв пат светнаа електричните светилки во Битола
За прв пат светнаа електричните светилки во Битола

По иницијатива на Симеон Бундалевски кој по завршувањето на Првата светска војна се враќа Киев каде студирал на политехничкиот факултет, а со помош на Михаило Ракиџиев, истакнат деец од Илинденската револуција, во 1923 година во Битола започнуваат активностите околу изградбата на првата термоцентрала во Битола.
Опремата била монтирана во зградата од поранешната трикотажа „Пелистер“ и на почетокот електрификацијата на градот не одела според очекувањата. Дури во текот на втората година започнало помасовно прифаќање на електричното осветлување.

  • Кирил Добрушевски „Првата термоелектроцентрала во Битола“
  • Дамјан Бужаровски „Семејството Бундалевци„ Скопје, 2020 година, ISBN 978-608-245-614-0
23 април 1926 Народен театар Битола
Свечено се отвора обновената зграда на битолскиот театар
Свечено се отвора обновената зграда на битолскиот театар

На 23 април 1926 година, свечено со премиерата „Смртта на Урош V", од Стефан Стефановиќ, во преработка на Ристо Одавиќ и во режија на Александар Верешчагин, се отвора адаптираната зграда на битолскиот театар. Театарот како подарок добил завеса од азбест на која Милош Васиќ насликал отворена сцена со „лица во живописна народна носија и со декоративни орнаменти".

  • Ристо Стефановски: „Од Хераклеа до народен театар во Битола“ Народен театар Битола 1994 г
1931 Битола
Тон-кино во хотел „Гранд“
Никифор Јефтиќ отворил тон-кино во својот хотел „Гранд“.

Никифор Јефтиќ отворил тон-кино во својот хотел „Гранд“. Во ова кино, именувано како „Палас“, првиот прикажан звучен филм бил „Фра ѓаволо“.

1934 Во хотелот „Гранд“ на Јефтиќ
Изградба на посебна кино сала во рамки на хотел „Гранд“

Битолскиот хотелиер Никифор Јефтиќ изградил посебна киносала како доградба на својот хотел „Гранд“ која како постојано кино работеше до крајот на деведесеттите години.

Пролет 1939 Кино „Манаки“
Кино Манаки гори до темел
Опожарено кино Манаки, 1939 г

Поради нередовното исплатување на ануитетите кон Хипотекарната банка, финансиските проблеми на Браќата Манаки станувале сѐ поголеми и во 1933 година бил објавен стечај на киното со што банката го добила правото да располага со него. Во 1937 година киното под наем повторно го презел Ристо Зерде кој со Хипетакарната банка склучил договор на 10 години со обрска да ја реновира зградата и да ја модернизира опремата. На почетокот работите полека се подобрувале, но во 1939 објектот бил зафатен од пожар при што изгорел до темел. Долговите на сите доверители биле покриени од добиеното осигурување, но најголеми губитници биле браќа Манаки кои претходно имале продадено добар дел од својот наследен имот за да го изградат киното.

1939 - 1945 Втора светска војна
Втора светска војна
Втора светска војна

Втора светска војна е глобален вооружен конфликт кој почнал на 7 јули 1937 година во Азија и на 1 септември 1939 во Европа и траел до 8 мај 1945 во Европа со капитулацијата на Германија, а до 2 септември 1945 во Азија со капитулацијата на Јапонија.
Априлската офанзива која започнува на 6 април 1941 година го означува почетокот на Втората светска војна во Југославија. Нападот е направен по копнен пат, од неколку правци. Германски, италијански и унгарски војници навлегле на територијата на Југославија од Италија, Австрија (тогаш дел од Третиот рајх), Унгарија, Романија и Бугарија. Тешко е бомбардиран Белград. Во исто време започнал германскиот напад на Грција со кодно име Операција Марита. 

9 септември 1939 Втора светска војна
Хотел Босна гори до темел
9 септември 1939 - Хотел Босна гори до темел

Во Битола изгоре хотелот „Босна” и нижата женска Гимназија. Пожарот се појави на покривот на зградата која се наоѓа во централниот дел на Битола.

  • Извадок од весникот “Правда” 11 септември 1939 г.
5 ноември 1940 Втора светска војна
Битола e бомбардирана во три наврати
Битола e бомбардирана во три наврати

Иако Kралството Југославија на почетокот на војната објавило неутралност, на 5 ноември 1940 година Битола била ненадејно бомбардирана во три наврати. Се претпоставува дека по грешка бомбардирањето го извршила италијанската авијација, чија земја неколку дена пред тоа започнала војна со Грција.

1941 Втора светска војна
Кино „Бугарија“

За време на фашистичката окупација хотелиерот Никифор Јефтиќ ја напушта Битола, па така неговото кино и хотел бугарските власти ги прогласуваат за напуштен имот и ги издаваат под закуп на Ристо Зерде, чие кино „Корзо“ (претходно „Кино Манаки“) изгорело во пожар во 1939 г. Новиот закупец го менува името на киното „Гранд“ во кино „Бугарија“. Под ова име киното работи до ослободувањето на Битола на 4 ноември 1944 год кога сопственикот му дава ново име „Македонија“.

  • А. Крстевски, Киноприкажувачката дејност во Битола, Кинопис 8 (5), с7-32, 1993
1941-1945 Втора светска војна
Кино „Балкан“

Кино „Балкан“ за време на бугарската окупација работело во салата на градскиот театар во Битола која била сопственост на Битолската општина и со која сопственикот Михајло Пема имал склучено договор за закуп. Театарската сала се користела напоредно за театарски и кино претстави, до 1945 година кога било решено во салата да се одржуваат единствено театарски претстави.

  • А. Крстевски, Киноприкажувачката дејност во Битола, Кинопис 8 (5), с7-32, 1993
4 ноември 1944 Втора светска војна
Ослободување на Битола
Манифестации по повод ослободувањето на Битола, 4 ноември 1944

Утрото на 4-ти ноември 1944 година борците од 49-тата дивизија на НОВ и ПО победоносно марширале низ Битола откако го ослободиле градот од преостанатата германска војска.

14 ноември 1944 Народен театар Битола
Прва театарска претстава на македонски јазик - „Петтоимениот Ѓоре" од Владо Малески

На 14 ноември 1944 година во Битола е прикажана првата театарска претстава на македонски јазик - едночинката „Петтоимениот Ѓоре" од Владо Малески која го одбележа раѓањето на Народниот театар од Битола. Главната улога му била доверена на познатиот артист Димче Стефановски, а овој прв ансамбл-театарска група, покрај Стефановски, го сочинувале: Јорго Цаца (раководител на Групата), Вера Вучкова, Мери Бошкова, Ацо Стефановски, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко, д-р Јован Калаузи, Никола Автовски, Митко Енчев, Пеца Димоски. Љуба Џима, Менде Лазаревски, Мара Аневска, Мара Савевска, Петар Велјановски и Радован Пеин.

  • Владимир Додовски - Театарски времеплов - Хроника и критички осврти за дејноста на Народниот театар од Битола - 1994 год
1 јули 1945 Во слободна Битола
Кино „Македонија“
Кино „Македонија“

Поранешното кино „Гранд“, подоцна „Бугарија“ и од 4 ноември 1944 кино „Македонија“ е национализирано на 1 јули 1945 год и ставено под управа на Државно филмско претпријатие Скопје. За раководител на киното бил назначен Аки Павловски, учесник во НОВ.

  • А. Крстевски, Киноприкажувачката дејност во Битола, Кинопис 8 (5), с7-32, 1993
1 март 1946 Народен театар Битола
Реновирање на театарската зграда
1 март 1946 – Реновирање на театарската зграда

Според веста објавена во весникот „Братство" од 18 октомври 1946 година, реновирањето на зградата на Народниот театар започнало на 1 март 1946 година и требало да заврши на 15 ноември. Тоа и се направило, така што во предниот дел на зградата бил изграден додатен дел во кој биле сместени административните простории и касата. Исто така сцената била, колку што имало можност, проширена и се создале колку-толку погодни просторни услови за работа.
Така, во новата театарска сезона 1947/48 г. Народниот театар влегува поподготвено. Во септември 1947 година должноста директор му е доверена на Александар Тасевски кој на неа останува до септември 1951 година.

  • Димитар Христов „20 години народен театар Битола 1944-1964“, издавач: Народен театар Битола, 1964 г
1947 Народен театар Битола
Прва тетарска претстава за деца
Педаче

Во првите години по формирањето на Народен театар-Битола се појавуваат театарски творци, познати македонски артисти и писатели за деца. Првата театарска претстава за деца ја подготвува актерот Петре Прличко кој најпрвин се претставува со едночинката „Итра лисица среде стапица“ која премиерно се изведува во месец април 1947 година, а 10-те претстави ги следеле 3.214 гледачи, а потоа Прличко во битолскиот театар го подготвува и текстот наменет за куклената претстава „Силјан Штркот“ која премиерно била изведена во март 1948 година. Фотографии од тие претстави не се зачувани. Водствата на театарот посветуваат соодветно внимание на театарските проекти за деца, кои според сеќавањата на битолчани, посебно незаборавни биле театарските претстави за деца „Шарената топка“ во режија на Душко Наумовски одиграна на младинската сцена во 1959 година, претставата „Пепелашка“ во режија на Ацо Стефановски, поставена на младинско-детска сцена во 1970 година, а мошне успешни настапи битолчани имале на Фестивалот на детето во Шибеник во 1984 година со 3 свои сценски реализации наменети за најмладите и тоа „Педаче“ во режија на Петар Стојковски-Бабец.

28 февруари 1953 Народен театар Битола
Илјадита претстава на Народниот тетар Битола
28 февруари 1953 Илјадита претстава на Народниот тетар Битола

На 28 февруари 1953, народниот театар Битола ја прославува својата илјадита претстава „Без третиот“ од Молан Беговиќ, во режија на Димитрие Османли.

  • Димитар Христов „20 години народен театар Битола 1944-1964“, издавач: Народен театар Битола, 1964 г
1958 Народен театар Битола
Голем број на артисти го напуштаат театарот

Во 1958 година ансамблот на Народен театар Битола влегува со големи грижи и проблеми кои не било можно брзо и едноставно да се совладаат. Co нив се соочил и новиот управник, артистот и режисер Душко Наумовски, кој на таа должност стапил на 1 јануари 1958 година и ја вршел мошне успешно се до својата трагична смрт на 10 декември 1961 година.
Една од мноштвото причини за падот и стагнацијата е заминувањето на неколкумина познати артисти кои, поради недоволните материјално-финанскиски услови во Театарот, нерешените лични прашања и желбата за афирмација, ја напуштиле Битола и својата артистичка и материјална егзистенција ја побарале во Скопје. Дотогашното мошне силно артистичко јадро се распаднало. Ансамблот останал без потенцијал да се зафати со реализација на посложени сценски проекти. Во таква ситуација, одговорните луѓе на Театарот и Уметничкиот совет репертоарски се определиле претежно кон домашната драма, која, сметале, е поблиска. Така, во сезоната 1958/59 г. на битолската сцена се изведени дури седум текстови од домашни автори.

  • Димитар Христов „20 години народен театар Битола 1944-1964“, издавач: Народен театар Битола, 1964 г
1960 Народен театар Битола
Проект за реконструкција на зградата на Народен театар Битола со значително поголеми димензии
Проект за реконструкција на зградата на Народен театар Битола со значително поголеми димензии

Проект за реконструкција и значително проширување на народниот театар во Битола, изработен од проектанско биро „Нова градба Битола“. Проектирал в.теџ. Т. Спасеновски, дата: 20-XI-1955. Во рамките на овој проект било превидено во прва фаза изградба на еден анекс од десната страна на постоечката дворана и нова бина. Ова би требало во втора фаза да овозможи рушење на рушење на постоечката дворана и изградба на нова со уште еден анекс со влезови и фоаје за публиката. На овој начин со постепена изградба на некој начин би се добила и нова театарска зграда, како замена на старата. На проширената бина била предвидена и ротација. Проектот не е одобрен и кон крајот на годината добиена е градежна дозвола за помал зафат.

септември, 1960 Народен театар Битола
Проширување на зградата на Театарот
Народен театар Битола

Изградба на репетициона сала и проширување на сцената со доградување на 2 помошни простории (реквизитерна и техничка соба)

2 август 1969 Дом на културата
Одлука за изградба на спомен-домови на културата
Одлука за изградба на спомен-домови на културата

Одлука за изградба на спомен-домови на културата во 25 градови во Социјалистичка Република Македонија, како траен спомен на Првото заседание на АСНОМ. (Службен весник)

1975 год 1 март, 1975 год - 31 март, 1978 год.;
Самопридонес 1975 год
Самопридонес 1975 год

Од 1 март 1975 год. до 31 март 1978 год. беше издвојуван 1% од личните доходи на сите вработени лица во Битола со што се остварија вкупно 228.176.965 динари за следните објекти: Спомен-дом на културата 35%, Универзитетска спортска сала 35% и Одвод на канали 30%.

1977-1982 1 јули 1977 - 30 јуни 1982
Самопридонес 1977-1982
1 јули 1977 - 30 јуни 1982

Самопридонес 1977-1982
1 јули 1977 - 30 јуни 1982
- 2% од нето лични доходи и пензии 5 години
Референдум на 26 јуни, 1977 год.
- План 138.520.000, остварено 177.000.000 дин.
- Објекти: 1. Спомен дом на културата; 2. Универзална спортска сала; 3. Водоснабдување на Битола; 4. Комунални објекти и инсталации ; 5. Основно училиште; 6. Центар за насочено образование Ѓорѓи Наумов" 7. Споменик на Револуцијата 8. Простории за активност на МЗ.

5 март 1979 Фестивал Манаки
Иницијатива за формирање на настан во чест на браќата Манаки

Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата Манаки: Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964). Иницијативата потекнала на 15 годишнината од смртта на Милтон Манаки на 5 март 1979 година.

- Марјан Танушевски „Лобирање во културата“, интервју со Илинденка Петрушева, филмски критичар

03.10.1979 Народен театар Битола
Одлука за рушење на зградата на Народниот театар
Одлука за рушење на зградата на Народниот театар

На 03.10.1979 год. е донесена одлука за преземање на итни мерки за формирање на техничка документација за постојната зграда на театарот, како би можело на 15.10.1979 год. да се пристапи кон нејзино уривање. Оваа вест негативно одекна кај голем број на граѓани на Битола и дел од нив, отворено се побунија против одлуката.
(Димитар Димитровски „Придонесот на дипл.инж. арх. Љубиша Новаковиќ за зачувување на некои објекти од 19 ек во Битола“ - Битола низ вековите“ XI и XII, Битола 2009)

08 октомври 1979 НУ Завод и музеј Битола
Решение за утврдување на својство на споменик на културата на зградата на Народниот театар Битола
Решение за утврдување на својство на споменик на културата на зградата на Народниот театар Битола

На седницата на стручниот колегиум одржана на 04.10.1979 година, е утврдено дека зградата на Народниот театар во Битола, има својство на споменик на културата, кај кого под посебен режим на заштита се става ентериерот на објектот, додека се дозволуваат интервенции на екстериерот по претходна согласност и одобрување од Заводот.

15 јули 1980 НУ Завод и музеј Битола
Решение за запирање на постапката за заштита на зградата на Народниот театар - Битола
Решение за запирање на постапката за заштита на зградата на Народниот театар - Битола

НУ Завод и музеј Битола со Решение бр 10/31 од 08.10.1979 г. утврди дека зградата на Народниот театар во Битола на ул. Маршал Тито бр. 60, има својство на споменик на културата. Врз основа на Пресудата У. бр 135/80 од 03.07.1980 год. на Врховниот Суд на Македонија, ова решение беше вратено на повторно разгледување, по што се запре постапката за заштита на зградата на Народниот театар - Битола и се овозможија услови за нејзино рушење.

30 јули 1980 Битолски весник
Урната зградата на Народниот театар
Урната зградата на Народниот театар

Урната зградата на Народниот театар
(Битолски весник)

11 октомври 1980 Битолски весник
Свечено предавање во употреба на Домот на културата во Битола
Свечено предавање во употреба на Домот на културата во Битола

Во рамките на свеченото одбележување на Денот на востанието, на 11 октомври 1980 година свечено е предаден во употреба Домот на културата во Битола.

Автори на проектот: Марко Мушиќ, дипл. инж. арх.; Александар Смилевски дипл. инж. арх.; Ентериер: Љубица Никољска дипл. инж. арх.; Година на изведување: 1976-1980, РГО „Бетон“ ООЗТ ИСП „Бетон“ - Скопје